RSS
Психа на Facebook
   

АНКЕТИ

За себе сметате дека како личност сте:
 
 
 
Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com

СЛУЧАЕН ИЗБОР

Слика
ИЗБРКАЈТЕ ГИ НЕГАТИВНИТЕ МИСЛИ
Понеделник, 31 Октомври 2011
Слика
ИСТИ ГЕНИ, РАЗЛИЧНИ КАРАКТЕРИ
Четврток, 10 Март 2011
Слика
ЗДРАВ ШОПИНГ
Вторник, 03 Мај 2011
Слика
НЕ ВЕРУВАЈТЕ НА ГЛАДЕН МАЈМУН
Среда, 01 Декември 2010
Слика
ПОПУШТИ ЈА МУЗИКАТА
Вторник, 11 Јануари 2011
Слика
МЕРКАЊЕ ЗА НЕУСПЕХ
Понеделник, 28 Март 2011

„После занимавање со психологија речиси пола век, мојата страст за неа е поголема од било кога“

Филип Зимбардо



ВЛИЈАНИЕТО НА НЕСВЕСНОТО ПРИ ИЗБОРОТ НА ПАРТНЕР-КА PDF Печати Е-пошта
(22 гласови, просечно 4.82 од можни 5)
прочитано 21270 пати
Четврток, 26 Декември 2013 17:55

Во моментите кога се вљубуваме, се чувствуваме како да не обзела некоја магија, но дали причината за пеперутките во стомакот е навистина личноста која е субјект на нашето заљубување или нешто сосема друго?

маж и жена споени со папочна врвка 

Ни се тресат колениците, ни игра срцето, не облева топлина, пеперутките во стомакот ни предизвикуваат слатка мачнина, се чувствуваме како да сме се напиле некој магичен напиток или не погодила „отровна“ аморова стреличка. Но, што откако ќе помине првиот наплив на љубовта на прв поглед?

Злобниците психолози ќе речат дека тоа било само обична хормонална реакција. Некои од нив, уште поголеми расипувачи на забави, ќе речат дека тоа не ни било заради личноста која сме ја виделе или запознале, туку се работи за нешто што потекнува од нас самите, се работи за проекција.

Карл Јунг го објаснува овој феномен на проекција преку архетипите Анима и Анимус (психички слики со спротивен пол од надворешниот кои се наоѓаат во нашето несвесно) еден врз друг. Психата бара целовитост, а спојувањето на нашите внатрешни спротивности Јунг го нарекол индивидуација. Кога се случува проекција, овој процес започнува и овие слики кои ги имаме во нашата психа излегуваат на површина.

Но, што е Анимус или Анима? За што всушност се работи и од каде потекнува овој концепт кој така јасно фрла светлина врз однесувањето на партнерите во врската, особено на самиот почеток или во почетниот период од истата?

Анима и Анимус 

Мажите се навикнати за себе да мислат единствено како за мажи, како што и жените се навикнати да мислат за себе единствено како за жени. Но, психолошките факти говорат дека секое човечко суштество е андрогено. Кај секој маж постои рефлексија на нешто женско, а кај секоја жена рефлексија на нешто машко.

Секое човечко суштество во природата е создадено преку спојување на гените на двата родители кои се од различен пол. Што значи, ако е машко, тогаш половина од гените се од мајката а не сите од таткото, а ако е женско половина се од таткото а не сите од мајката. Ова значи дека во секој од нас постои спротивнополов елемент. Се разбира овие гени не се детерминанти на половоста туку се однесуваат на редица полово неутрални биофизиолошки процеси, но тоа не го намалува фактот за нивното потекло.

Ваквата фактичка состојба на човековата психа ја забележал и Јунг, кој ги интегрирал овие спротивнополови рефлексии во својата теорија на архетипи нарекувајќи ги Анимус и Анима. Се разбира, на Јунг не му се „сонило“ да ги создаде овие два архетипа затоа што му изгледале како интересен концепт, туку тој како научник ваквите свои идеи ги добил од своите проучувања на луѓето, особено неговите пациенти, но и преку проучување на литературата, историјата и митологијата. Емпириски докази за присуството на овие архетипи може да се најдат насекаде и тие се присутни и во нашата внатрешна но и во комуникацијата со надворешниот свет, односно другите луѓе.

индиски божества 

Анима е архетип кој претставува персонификација на сите женствени психолошки тенденции во машката психа, додека Анимус е соодветно, персонификација на мажествените тенденции кај женската психа.

Во најчест случај, анима се манифестира како некакво нејасно чувство или расположение, интуитивни мисли, приемчивост кон ирационалното, способност за љубов, емоционалниот однос кон природата, а многу интересно, и целокупниот односот кон несвесното. Карактерот на анимата на еден маж е по правило обликуван од неговата мајка. Ако тој смета дека неговата мајка имала негативно влијание врз него, тогаш анима ќе се манифестира преку депресивно расположение, иритабилност, чувство на несигурност, анксиозност и осетливост.

Ако пак успее да ги надмине овие негативни влијанија врз себе, тогаш неговата машкост дополнително ќе биде зајакната. Кај луѓе со овој тип на анима, негативната фигура на мајката-анима постојано и репетитивно ќе се манифестира преку менталниот шаблон: „Јас сум ништо. Ништо нема смисла. За другите е поинаку, но за мене... Јас уживам во ништото.“ Овие т.н. „расположенија на анимата“, создаваат чувство на здодевност, страв од болести, импотенција или несреќи. Целиот живот бива проголтан од еден контекст на тага и депресивност. Ваквото расположение дури може да го одведе некој човек кон суицидалност, при што анима станува демон на смрта. Проекцијата на ваквата анима обично фигурира под поимот femme fatale. Во поблага форма такви се и сирените, заводливите самовили како што е германската Лорелај или „Кралицата на ноќта“ на Моцарт, како и секој сличен лик кој симболизира деструктивна илузија. Ваквата илузија се состои од нереалистични очекувања или сонувања за љубов, среќа и мајчинска топлина кои човека го одделуваат од реалноста замајувајќи го а потоа на ладен и суров начин одлетуваат како птица во облаците.

Поинаква манифестација на ваквата анима е преку остри, отровни, по природа женски тип на забелешки преку кои се сака се да обезвредни. Овие забелешки се суптилно деструктивни и во себе најчесто содржат евтино извртување на вистината. Во било која форма, обично денешниот симбол, особено присутен во минатото а карактеристичен за западната и про-европските цивилизации, е поимот за вештерка. Жена која се занимава со мистични, лоши работи, постојано со себе носи разни отрови и слични нешта со кои ја сее својата злоба.

 вештерки

Доколку пак од друга страна, искуството на мажот било позитивно со мајката, исто така влијае на неговата анима на карактеристичен но поинаков начин за разлика од негативното искуство. Типичен развој на ваквата анима е во смисла на феминизирање на мажот кој станува лесен плен за подоминантните жени, а тој самиот е неспособен да се справи со предизвиците на животот. Ваквата анима го претвара мажот во сентименталец, плачко, на кој може да му смета зрно грашок како на принцезата од приказната.

Негативната манифестација на анимата врз машката психа може да се манифестира и преку опседнатост со псевдо-интелектуални дијалози во односите со другите луѓе, што по својата природа е една деструктивна интелектуална игра. На ваквата анима и погодува развојот на денешната технологија па таа многу лесно може да се манифестира преку социјалните мрежи, форумите и сличните форми на виртуелна безлична комуникација. Инволвираноста во ваквите невротични псевдо-интелектуални, а обично и деперсонализирани разговори, го инхибира човекот да биде во директен контакт со реалноста, при што тој станува нагласено рефлективен во однос на својот живот, ја губи спонтаноста и едноставно не знае како да се однесува во реални животни околности а осетно му се намалува и способноста за носење на валидни животни одлуки.

Најпримитивната но воедно и најчеста манифестација на анимата е преку еротски фантазии. Без оглед како се поттикнати, дали преку порнографски материјал или обичен филм, музика, книга или реални ликови од неговата средина, се работи за сирова форма на анима која станува компулсивна само ако човекот на недоволен начин ги култивира своите емоционални релации, а неговиот чувствен однос кон животот останал на инфантилно ниво.

анима 

Сите овие манифестации на анима ја имаат истата тенденција, можат да бидат проектирани така што на еден маж може да му изгледаат како карактеристики што ги поседува конкретна жена. Токму ваквите проекции на анима се тие што овозможуваат еден маж да се вљуби веднаш, на прв поглед, па иако ја гледа девојката пред себе за прв пат, има некое чувство дека тоа е „таа“, „вистинската“. Чувството е такво што тој се чувствува како да ја знае таа жена отсекогаш, и тоа интимно, блиско. Ова „паѓање“ на дадена жена е толку нагло но и безнадежно што на сите оние кои ја гледаат ситуацијата отстрана им изгледа како потполно лудило. Жените кои имаат „самовилски“ карактеристики се особено погодни за ваквите проекции на анима со оглед на тоа што мажите може да им припишат било какви, речиси по свој избор, карактеристики на овие суштества со нејасна, магловита и мистериозна психа. За потоа да исткаат прекрасни фантазии за имагинарното суштество што си го создале во својата глава. За бројните проблеми кои може да се појават со ваквите нереални проекции на анима решение може да се најде единствено ако таа се препознае како внатрешна сила. Тајната цел на несвесното за создавање на вакви магловити испреплетувања е да го поттикне мажот кон негова зрелост и личносен развој и раст преку интеграција на несвесното од неговата личност со реалноста.

слоеви на свеста 

Анимус е како што рековме „машкиот“ дел на женската психа. И тој може да се манифестира на мноштво начини. Во основа, во најголема мера зависи од односот кој девојката односно жената го имала или го има со својот татко или татковска фигура во нејзиниот живот.

Првиот носител на анимусот кај жената е нејзиниот татко, па затоа состојбата и силата на нејзиниот личен анимус ќе биде детерминирана од т.н. татковски комплекс. Ако нејзиниот татко бил пресилен, таа ќе го интернализира или повнатрешни гласот на критичниот авторитет и расудување. Ако пак бил преслаб, ќе нема можност да ја интернализира маскулиноста и ќе опстојува на еден вегетативен несвесен начин, подготвена да им служи на проекциите и потребите на сите машки сили во нејзиниот живот.

Анимусот е факторот во психата на жената кој и обезбедува способност за размислување, преиспитување и спиритуалност. Не смее да се заборави дека анимусот има и своја позитивна улога во психолошкиот развој на жената. Кога ќе биде активиран преку неговиот позитивен аспект ослободува позитивна машка енергија, обезбедува фокусирано внимание и концентрација, сите квалитети асоцирани со логичкото размислување и способноста да се поврзуваат свесно оние работи кои претходно биле длабоко во несвесното. Исто така, може да претставува позитивна „татковска сила“, да носи охрабрување, заштита, принципиелност и воздржување.

татковски Анимус

Покрај татковскиот аспект на анимусот кој го симболизираат редот, законот, поредокот, авторитетот и институционалноста, анимусот може да се претстави и преку една неочекувана маска на измамник и на внатрешен и на надворешен план, односно и како идентификација и како проекција. Во овој аспект, анимусот е неморален разуздан авантуриста кој ја врши функцијата потребна жената да ја ослободи од тиранијата и воспоставениот закон (имено таткото) кон живот исполнет со авантури, нестабилност и субверзија. На надворешно ниво, ако се проектира, жената честопати ќе се најде во прегратките на некој Дон Жуан со кој може да има единствено минлива релација без можност за приврзување и посветеност која ја користи како израз на бунтовништво против нејзиниот авторитарен татко. На внатрешно ниво, измамникот анимус има слична функција, обезбедувајќи и на жената контрапункт против нејзиниот татко-анимус.

 Друг аспект на анимус е т.н. Мудрец, човек кој знае се, чија функција е да информира, води, подучува и биде лидер. Во својата позитивна форма ова е архетипот на мудроста. Мудрецот е човек кој може да се поврзе со идеја на субјективен начин и го претставува вистинското размислување кое не е поделено, ладно и објективно како што би се претпоставило, туку страсно и оригинално. Ако жената се идентификува со архетипот за мудрецот, таа ќе стане целосно и опасно преокупирана со идеалот да се биде идеален „духовен татко“. Ќе бара сатисфакција во достигнување на маскулината спиритуална и културална енергија гледајќи се себеси како пророчица, генијалец или чист небесен ангел неизвалкан од крвта и месото на нејзиниот женски идентитет. Исто така, таа може оваа своја фантазија интензивно да ја доживува служејќи како анима на некој голем човек.

Идентификацијата со било кој аспект на анимусот, без оглед дали е позитивен или негативен, буди гнев и непријателство кај еден друг архетип а тоа е оној на Големата Мајка (зрелата жена) кој се претвора во негативна творба која во соништата може да се појави како вештерка или некое крволочно и малигно суштество. Негативната Голема Мајка исто така се манифестира и како физички симптоми како што се нередовна менструација, аменореја и проблеми со плодноста.

Анима и Анимус

Кога било која психолошка содржина е во несвесното тогаш обично има две насоки во кои може да се манифестира - или да се проектира нанадвор на надворешен објект, или да дојде до идентификација со несвесната содржина. Гледано низ призма на денешната култура во општествата, „старомодните“ жени го проектираат својот анимус нанадвор преку романтични новели, серии или филмови, стереотипизирани врски и живеење и постоење преку мажот во нивниот живот. Додека пак оние „модерните“ паѓаат во другата страна на замката, односно се идентификуваат со својот анимус и притоа ги губат виталните врски со сопствениот женски идентитет, живеејќи на тој начин на едно погрешно машко ниво (погрешно заради тоа што се работи за жена). Овие жени на тој начин се наоѓаат себеси во една психички конфликтна ситуација во која идеализацијата на машкоста води до дегенерација на нивната женственост.

Карактеристично за голем број успешни, но од анимус опседнати жени, е што може да страдаат од компулсивни растројства, булимија и анорексија нервоза. Заради недостатокот на силен женски матрикс телото е нападнато од негативниот анимус и жената станува се по одвоена од женското. Жените кои страдаат од овие пореметувања неретко и самите стануваат свесни и кажуваат дека всушност нивната женственост е она кое го напаѓаат, а кон таквите постапки ги носи некој внатрешен диктатор кој владее војнички и насилно со нив носејќи ги практично на раб на смртта.

Жена со Анимус проблеми 

Анимусот, како архетип, поседува извонредна моќ при што е безличен, нечовечен и автономен. Си постои независно, вон контрола на индивидуата. Ако не се поврзете со него и му дозволите некаков свесен канал може да го збрише его-идентитетот. Јунг ќе напише: „Анимусот е голем алчник, па се што ќе попадне во несвесното тој го запоседнува. Тој стои таму со отворена уста и лови се што ќе падне долу од масата на свеста. Ако и дозволите на некоја реакција или чувство да ви избега, тој ја јаде, станува посилен и почнува да се расправа со вас.“ Ќе почне да предизвикува т.н. напади на анимус ако чувствата не се изразени како што му е потребно па ќе бидете зафатени од спирала на гнев која како што ќе зајакнува ќе ве тера да говорите одвратни работи.

Анимусот може да го оштети бракот или врската со тоа што ќе ги исклучи чувствата, а исто така и преку несвесна активација на анимата на мажот. Кога анима и анимус, преку своите носители, ќе почнат да се расправаат, почнува вистинска „војна“ во која ресурсите и енергијата се црпат од потиснатите чувства, лутина, гнев, бес, одбивност, завист, моќ, студенило и страв, секој соодветно потхранет од родителските комплекси на партнерот.

 Анима и Анимус во борба

Ако жената имала негативни искуства со мажите воопшто или тешка релација со татковската фигура во нејзиниот живот, таа може да се обиде да се дисоцира од машкиот дел на нејзината психа. Но, кога човек се обидува да го негира, потисне или комплетно да се одвои и се огради себеси од Анимусот, се случува чуден феномен.

Несвесното е дел од целината на себството и не постои начин да се изведе некаква си психичка хируршка операција за да се оддели оној дел кој не ни се допаѓа. Несвесното ќе си ја игра својата улога, па може или да се поставиме пријателски кон него и да го здобиеме за сојузник, или да го негираме и потоа да гледаме како се однесува непријателски. Негираниот анимус се претвора во едно чудовиште, за кое жената всушност и смета дека е, и тој не сака да биде скриен таму некаде во темнината на несвесното. Наместо тоа, реагира и се манифестира на различни начини. Тој всушност ја „киднапира“ или запоседнува психата на жената која го негира.

Сите идеи што си ги има во главата за мажите дека сакаат да доминираат и контролираат сега наоѓаат експресија преку неа. Таа станува доминирачки и контролирачки расположена, станува инаетлива, своеволна и тврдоглава, неспособна за разумно расудување или некој со кој може разумно да се разговара. Уште полошо, таа е целосно несвесна дека ги поседува овие карактеристики. А да биде пак целата работа полоша и покомплицирана, со оглед дека е негиран, анимусот сега дури и е налутен и навреден.

Анимус

Бидејќи неговата природна експресија е во постапките а тие му се негирани, анимусот ги превзема оние активности кои единствено и може во таков случај служејќи се со подмолни методи. Почнува да и вели на жената работи од типот „ова нема никогаш да успее“, „зошто се мачиш со ова воопшто“, „подобро да не се ни обидуваш“, „знаеш дека нема да успееш“, и слични форми на негативен самоговор. Да биде полошо, се додека анимусот не биде интегриран правилно во свеста, сите овие тврдења тој ќе предизвика да бидат и точни, барем до одреден степен.

Ова всушност е и природна реакција на механизмите на психата изградена од свесното и несвесното. Човек мора да биде целина за да функционира како што треба, па така една жена без правилно интегриран свој машки дел е на некој начин половична личност. Таа на тој начин станува жена која своето комплетирање го гледа во мажите како надворешни објекти, оние истите кои заради својата анима пак бараат жена како надворешен објект да им ја заокружи целината на нивното себство. На тој начин и двата пола се во потрага по проекции, а не реални личности, наместо процесот на комплетирање на својата психа да го направат внатре во себе преку интеграција на сите нејзини составни делови.

 индивидуација

Така се раѓа идејата за „сродна душа“ за која се верува дека секој човек ја бара. Ироничен е фактот што нашата сродна душа всушност се наоѓа некаде внатре во нас и упорно чека да биде споена и интегрирана во една целина. Но, наместо да се случи тоа луѓето упорно бараат „совршен" партнер или партнерка без да ги запознаваат реалните карактеристики на другиот, туку под длабоко влијание на својата проекција честопати налетуваат на ист тип на партнери, небаре нивната душа треба да ги помине сите кармички препреки пред да ја сфати мудроста за насушната потреба на интеграција на свесното и несвесното од сопствената психа.

Концептот за „вистинска“ љубов е во голема мера поврзан со оној за сродна душа. Пронаоѓањето на својата сродна душа се смета за врв во љубовта и всушност оттаму таа ја црпи својата моќ. Безброј луѓе во светот чезнеат да ја пронајдат својата „друга половина“ од сложувалката составена од два дела, барајќи ја нанадвор во луѓе со иста таква идеја и потреба. Да, навистина постои нешто што чувствуваме дека ни фали, но тоа нешто не можеме да го пронајдеме во другите луѓе, туку единствено длабоко во темнината на несвесното.

Според Јунг, она што човек го бара кога се обидува да ја најде својата „друга половина“ е всушност барање на интеграција на елементите на несвесната психа, процесот кој го нарекува индивидуација.

Кога жена е во потрага по својата сродна душа, идеите и сликите кои и надоаѓаат во главата честопати се појавуваат како нешто нереалистично затоа што всушност таа не бара маж, туку го бара „вистинскиот маж“. Таа всушност не е во потрага по човечко суштество, туку по совршена експресија на машкоста која единствено може да се најде кај чистата форма на анимусот, иронично, сместен во самата неа. Слично и кога еден маж е во таква потрага од свој аспект, тој ја бара „вистинската“ а не некоја реална жена. Таа е совршена експресија на женственоста, токму онаква каква што всушност е чистата форма на анима во него.

 Анима и Анимус

Со оглед на тоа дека луѓето вообичаено се дефинираат себеси преку надворешниот пол, самата идеја дека нешто со спротивен пол од него може да постои внатре во нас изгледа практично апсурдно и бесмислено, дури и навредливо. Бездруго, многу пологична е идејата да се бара да речеме маж, надвор од себе, во форма на друг човек со јасна полова определба како машко. Или обратно, жена, кога се однесува за мажите.

Но, за несреќа, според Јунг, се додека елементите на психата кои се во сенка не се интегрираат, наместо реална привлечност кон другите, ќе чувствуваме привлечност кон она што ни се совпаѓа со проекцијата. Проекциите се всушност такви елементи на себството кои ги негираме кај себе, а сметаме дека постојат како квалитети и карактеристики надвор од нас.

Контаминиран поим за нашиот анимус или анима, води кон контаминирана проекција за она што не привлекува. Се до моментот кога ќе постигнеме висок степен на индивидуација, ние не сме привлечени од другите онакви какви што се туку само од нашите проекции врз нив и некои поттикнувачи на нашата несредена, односно неинтегрирана, внатрешна психичка ситуација. Се мачиме со некој кој ни ја активирал нашата анима или анимус а не знаеме што се случува и зошто имаме проблеми, не сфаќајќи дека проблемите се заради нашето упорно доделување на карактеристики на некој што реално ги нема, а не забележувајќи ги оние кои реално ги има.

анимус

Една жена „ќе паѓа“ постојано на истиот тип на маж, како што еден маж ќе биде привлечен од ист тип на жена се додека не си ја прочистат својата релација со анимусот односно анима, соодветно. Додека тоа не се случи тие практично ќе бидат „слепи“ за конкретните карактеристики на одредена индивидуа, а единствено ќе бидат способни да го перципираат цел спротивен пол преку призмата на сопствениот неинтегриран или потиснат архетип од спротивен пол.

Честопати се вљубуваме и влегуваме во врска која не ни одговара, деструктивна е, и тешко и паѓа на душата, но и таквата врска ни покажува одредени аспекти на нашата сенка. Впрочем, најмногу можеме да научиме за себеси токму од луѓето кои најмногу ги сакаме или мразиме. За да пораснеме како личност и да станеме интегрирана, целовита личност, потребно е да знаеме што навистина се случува. Кога некој е „залетан“ по нас, или обратно кога ние сме во таа улога, секако треба да се запрашаме „дали се работи за љубов или само за проекција?“ Двајца луѓе нема да знаат се додека не се запознаат доволно добро какви се навистина, а за да се случи тоа потребно е да се биде искрен и отворен кон себеси за да се случи неопходното самоспознавање.

спиење со маска 

Освен ако не располагаме со голема ментална сила и самосвест, проекцијата на анимус или анима ќе се случи на овој или оној начин. Кога е нанадвор кон некој објект на наше интересирање, за кој сметаме дека сме се заљубиле и тоа уште на прв поглед, самиот степен на интоксикација со емоции и интензитетот на искуството треба да ни биде јасен знак дека се работи за проекција. Бидете сигурни дека е така, затоа што во нормални околности луѓето не си приредуваат инстантна страст каква што ја иницира „љубовта на прв поглед“. Ако сте под силни чувства и опседнати со некого тогаш воопшто не се сомневајте, вие сте направиле проекција на вашиот спротивнополов архетип врз личноста со која сте опседнати.

Оваа проекција може да се случи кај само една од страните, но може и да се случи кај двете страни во исто време, кога велиме дека се случила „взаемна љубов“, или дека тие двајца „си се нашле“, односно си ја нашле својата „сродна душа“. Она што се случува е чувство на заљубеност, но во својата сопствена слика од несвесното, во архетипот од спротивен пол кој го имаме во себе, анима или анимус соодветно ако се работи за маж или жена. Овој дел од нас го проектираме врз другата личност која може на некој начин да ја поттикнала проекцијата да се случи, а сосема можно е и да не сторила ништо но нашиот архетип самиот да издејствувал проекција затоа што всушност бара расчистување на неговиот статус, сака да биде дел од свеста односно интегриран во себството на психата. Почнуваме да фантазираме и како Ерос да владее со нас. Интензивната еротската и сексуална природа на овој спој кога ќе се случи всушност е психолошки симбол на потребата за спојување односно пенетрирање во длабочините на сопственото несвесно.

Но, како што одминува времето, неизбежно бледее и силата на проекцијата. Во еден момент мора да се соочите со личноста со која сте и вистински да ја запознаете а не да и придавате некакви божествени карактеристики, само затоа што сакате да се чувствувате како да сте во „рајот“. Кога после првичниот огномет од чувства и хормони ќе се стигне во оваа фаза, за многумина таа претставува своевиден мал шок па доколку се зависници од „хормонални бури“ почнуваат да бараат нови партнери вон врската или бракот. Не е мал бројот на врски кои во тој момент завршуваат за чудниот алхемиски процес да започне повторно со некоја друга личност. Честопати се случува луѓето да склучат брак со некого за кого чувствуваат дека „се вљубени“, па потоа, по некое време, да станат разочарани сфаќајќи дека влегле во брак со личност која не е она што првично си мислеле дека е.

заљубен пар 

Несвесното ќе си најде своја експресија без оглед колку некој се обидува да го потисне. Ако не успее да добие свесна потврда од психата, ќе најде свој надворешен израз преку некаква физичка форма. Затоа, единствен здрав начин да се справите со вашиот архетип од спротивен пол е да го интегрирате во свеста. Задача која нималку не е лесна и препорачливо е да ја остварите со помош на некој кој веќе го поминал тој пат. Но, откако ќе го направите тоа, ќе почувствувате олеснување и ќе почнете да ги користите бенифициите од интегриранта психа. Дури тогаш ќе ги перципирате вашите потенцијални партнери односно партнерки како автентични луѓе со свои сопствени карактеристики, деконтаминирани од сеприсутната претходна проекција која толку ви ја замаглува свеста што во еден момент не знаете дали сте тоа вие или некој „дух“ ве запоседнал.

Кога ја нема проекцијата, а ја нема само ако сме направиле целосна интеграција на несвесните елементи и сме си го преродиле себството во една нова интегрирана целина, тогаш можеме да ги видиме нашите партнери онакви какви што се. Не онакви какви што ние посакуваме да бидат и посакуваме да се сменат во она што ние би сакале да се. Не заради нешто што може да ни дадат или ни го даваат, туку она што навистина се.

Ова не е лесна задача и изискува многу труд и работа на себе, а мора да сме подготвени на бројни болни соочувања со нашето себство и сите негови свесни и несвесни компоненти. Наградата откако ќе се помине тој пат е токму она што го посакуваме и ни е неизмерно потребно, не алхемична проекција и бура од хормони, ами реална љубов.

 Анима и Анимус

Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com
  
Psihagon Ltd.

Copyright © 2010-2014 Psihagon Ltd. All rights reserved.