RSS
Психа на Facebook
   

АНКЕТИ

За себе сметате дека како личност сте:
 
 
 
Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com

СЛУЧАЕН ИЗБОР

Слика
ПАУНИТЕ И НИВНИТЕ СКАПИ АВТОМОБИЛИ
Понеделник, 29 Август 2011
Слика
СИНДРОМ НА РОДИТЕЛСКА ОДБИВНОСТ
Вторник, 18 Октомври 2011
Слика
ВНИМАВАЈТЕ НА ЖЕНИТЕ
Четврток, 25 Ноември 2010
Слика
ЗОШТО ЛУЃЕТО ИЗНЕВЕРУВААТ?
Вторник, 02 Ноември 2010
Слика
ФАТАЛНА СИРОМАШТИЈА
Петок, 21 Јануари 2011
Слика
СПИЕЊЕ СО ЏЕКИ = БОЛЕСТ
Вторник, 08 Февруари 2011
Слика
ВАЖНОСТ НА ИНТУИЦИЈАТА
Петок, 08 Април 2011

„Чудовиштето кое најмногу го познава и од кое најмногу се плаши едно дете е чудовиштето кое чувствува дека самото е или се плаши дека може да биде“

Бруно Бетелхајм



СЕКСУАЛНА АНОРЕКСИЈА PDF Печати Е-пошта
(3 гласови, просечно 4.33 од можни 5)
прочитано 6928 пати
Четврток, 08 Август 2013 16:06

Веројатно сте чуле за Анорексија Нервоза, растројство на нагонот за храна. Но, дали знаете дека постои и Сексуална Анорексија?

стоп во спална 

Дали мразите се што е поврзано со секс? Дали го избегнувате сексот и било каков тип на сексуални чувства? Ако да, тогаш можеби имате сексуална анорексија.

Сексуалната анорексија е аверзија кон тоа да се биде сексуален. Сексуалните анорексици понекогаш превземаат и претерани чекори за да спречат сексуална интеракција од било кој тип со другите.

Ова нарушување е познато уште и како Хипоактивно Растројство на Сексуалната Желба. Го карактеризира губење на „апетитот" за интимна сексуална релација, најмногу заради стравот од блискост до степен во кој личноста станува анксиозна во однос на сексот поврзан со емоции. Почесто се јавува кај личности од женски пол, и во основа значи губење на здравата сексуална желба.

сексуална анорексија 

Терминот Сексуална Анорексија го сковал Др. Патрик Карнс, експерт за сексуални зависности, и според него тој означува компулсивно избегнување на сексот и нештата поврзани со секс. Изненадувачки, Карнс ја сместил сексуалната анорексија во формите на сексуална зависност. Според него, зборот анорексија значи „да се нема апетит" (од грчкиот збор орексис). Значи сексуална анорексија всушност означува немање на сексуален апетит. Она што ја прави сексуална зависност е компулсивното избегнување на сексот од страна на овие личности и фактот што тоа доминира во нивниот живот.

Во дијагностичкиот прирачник за ментални заболувања, сексуалната анорексија се наоѓа во групата Сексуално Аверзивни Растројства и е опишана како „екстремна аверзија кон, и избегнување на сите (или речиси сите) генитални контакти со сексуален партнер".

сексуална анорексија 

И додека сексуалната анорексија се смета како дел од оваа група во дијагностичкиот прирачник, дефиницијата секако можеме да ја прошириме со цел да ги вклучиме и придружните емоционални состојби. Тие се честопати многу сложени и мултидимензионални, вознемирувачки за личноста погодена од ова нарушување, предизвикувајќи тешки внатрешни борби. Таквите борби може да натераат некого да си го презира сопственото тело, да има ригидни ставови во однос на своето сексуално однесување како и она на другите, како и да го оптоварат со придружниот немир и анксиозност поврзани со таквата состојба во неговиот ум.

внатрешни превирања 

Показатели, односно критериуми за препознавање на сексуалната аверзија се:

  1. Шаблон на однесување кое се повторува и се одликува со отпор или аверзија кон било каква сексуална активност, однесување или иницијатива. Овој шаблон се однесува на било какво однесување кое би можело да вклучува било каква активност поврзана со секс или намера да се иницира секс. Суштинска антипатија кон сите сексуални нешта.
  2. Упорна аверзија кон сексуален контакт дури и тогаш кога е самодеструктивно или штетно по врската. Заради чувството дека тешко можат да се справат со сексот или им е неподнослив, овие личности честопати трпат големи загуби на приватен план вклучувајќи исклучување од одреден социјален круг заради неможност да го разберат нивното однесување или рушење на интимните врски.
  3. Вложување екстремни напори да се избегне сексуалниот контакт или внимание, вклучувајќи самоповредување и унаказување, дисторзија на изгледот и облеката, и аверзивно однесување. Ова е едно од најекстремните однесувања на сексуалните анорексици. Унаказувањето на себеси, сечењето со нож по телото како опозит на сексуалното е особено често кај жртвите на злоупотреба. Може да се прошири со намерни обиди да се направи некој неатрактивен, а не само да се замаскира сексуалноста. Понекогаш се случува намерна манифестација на сексуално неатрактивно однесување.

    самоповредување 

  4. Ригидни, осудувачки ставови кон сопствената и сексуалноста на другите. Сексуалните анорексици се екстремно критизерски настроени кон секој што прави било што сексуално. Па така, честопати може да изгледаат како „сексуална полиција" заради својата нетолерантност кон ставовите, однесувањата, облекувањето или постапките на другите. Ако пак тие направиле нешто сексуално, исто така пристапуваат со голема самокритика во однос на тоа што го направиле.
  5. Огромен срам и самопрезир во врска со своите сексуални искуства, перцепција на сопственото тело или сексуалните атрибути. Сексуалните анорексици честопати се атрактивни луѓе кои доживуваат екстремна неугодност ако тоа некој го забележи или им го каже. Комплиментите се закана. Сексуалните делови на телото се извор на голем срам.
  6. Сексуалната аверзија им влијае врз работата, хобијата, пријателите, семејството и нивната врска. Бројни се последиците од сексуалната анорексија. Овие личности носат деструктивни одлуки во нивниот живот само заради тоа што постои можност од сексуална ситуација. Хобијата или се „преработуваат" или се напуштаат. Пријателите или се ограничуваат или се одбиваат. Семејната динамика станува дисфункционална заради напнатоста околу сексуалните прашања. Но, веројатно најмногу страда нивната примарна романтична врска од ваквите ставови.

    проблеми во врската

  7. Преокупација и опсесија со избегнување на сексуални контакти или намери од другите. Анорексиците се опседнати до толкава мера со потенцијалниот сексуален контакт, што си губат драгоцено време и сон заради ваквата опсесија. Најчесто, оваа опсесија се однесува на очекуваните сексуални намери или желби на другите. Тие константно ќе бидат на штрек за потенцијална сексуална ситуација која може да биде предизвикана од другите или нив самите. И двата случаи се закана за нив.
  8. Очај заради сексуалното функционирање. Акутна депресија и суицидалност неретко се присутни кај анорексичната популација. Во општество каде сексуалноста се стимулира на секој чекор, овие личности се доживуваат себеси како фундаментално оштетени и дефектни.

    нож 

  9. Избегнување на интимноста и врските заради стравот од сексуален контакт. Стравот од секс им влијае врз сите социјални контакти. Анорексиците се со тенденција да се изолираат и да иницираат мал број на пријателства. Делумно тоа е заради чувството на срам и дефектност, но исто така и заради тоа што социјалните релации креираат потенцијални сексуални ситуации.
  10. Немир, анксиозност, загриженост или иритиабилност заради сексуален контакт или потенцијален контакт. Пациентите погодени од сексуална анорексија честопати се екстремно вознемирени ако се дискутира за овие проблеми, па дури и ако тие ја побарале или иницирале дискусијата. Стравот и лутината се чести придружници во ваквите дискусии дури и ако се разгледуваат најочигледните проблеми. Единствената мотивација да продолжат со терапија им е болката која ја чувствуваат и чувството дека сепак може да се направи нешто за да им се помогне.

депресивна девојка 

Огромен процент на сексуалните анорексици кажуваат за некаква форма на злоупотреба во семејството во кое пораснале, која е или од сексуална или од емоционална природа. Многу од овие личности пораснале во дом каде што се имало ригидни и осудувачки ставови, или пак живееле со членови од семејството кои биле емоционално воздржани или пак имале некаква форма на зависност и самите.

Истовремено, може да страдаат и од други проблеми со зависности, како што се зависност од храна, злоупотреба на дрога и алкохол, како и некои опсесивни или анксиозно обусловени проблеми.

девојка во соба 

Луѓе кои силно се идентификуваат со културни, социјални и религиозни групи за кои е карактеристична сексуалната воздржаност, репресија или друг поинаков негативен пристап кон сексуалноста може да бидат особено ранлива категорија во однос на развој на опсесивно избегнување на сексуалните односи од било каков тип, токму она што ја карактеризира сексуалната анорексија.

Некои доживеале трауматско или пак константно сексуално одбивање што ја модулирало нивната психа кон примена на сексуалната анорексија како дефанзивен механизам. Но, на кој и начин да се појавила, во најчест случај овие личности може да не бидат свесни за причините за потешкотиите во нивниот живот.

 девојка во очај

Сексуалните анорексици може да бидат склони кон повремени периоди на промискуитет, слично како и оние со булимија – луѓе кои периодично се изгладнуваат себеси за храна, па потоа се прејадуваат и го повраќаат она што го изеле. Сличен циклус на сексуални епизоди и потоа чувство на вина што ги фрла во очај може да се случуваат и кај сексуалните анорексици. На пример, границите за сексуална експресија може да бидат претерано ригидни, но да се срушат во момент кога инхибициите ќе бидат намалени, да речеме преку употреба на алкохол или дрога. Па така, некои од овие личности развиваат болест на зависност од дрога или алкохол а всушност иницијалниот проблем е сексуалната анорексија.

сексуална анорексија 

И покрај нивната аверзија кон сексот, сексуалните анорексици може да се впуштат во сексуални релации, вклучително и брак, но квалитетот на ваквите врски во голема мера ќе биде значително намален, обременет со избегнувањето на сексот од едниот партнер, а потоа реактивно и од двата. Ироничен е фактот што неретко сексуалните анорексици може да формираат врска со сексуални зависници, при што едната страна речиси и нема контрола врз сопствената сексуалност, додека другата има хиперконтрола. На некој начин, вкупниот збир поделен со два да дава личност со нормална сексуалност. Во реалноста, во ваква ситуација, едниот од партнерите може да биде промискуитетен додека другиот да апстинира од секс.

дечко со две девојки во кревет

Исто така, можно е да имаат секс со луѓе со кои не се во врска, а истовремено да се воздржуваат од секс во контекст на нивната врска.

Дополнително, има личности кои се воздржуваат од било каква сексуална активност заради екстремната анксиозност која потоа ја предизвикува тој сексуален акт. Овој тип на сексуални анорексици честопати се чувствува многу емоционално кршливо и затоа преферира изолација и избегнување на ризик од било каква ситуација на одбивање. Понекогаш, сексуалните анорексици имаат толку екстремна аверзија кон сопствената сексуалност што дури се воздржуваат од својата сексуалност и кога се изолирани.

тажна гола девојка

Во однос на терапевтскиот процес за ваквите личности, потребно е да се создаде клима на неосудување и сигурност, при што ќе се разгледаат сите проблеми од минатото и како се создале моменталните начини на однесување. Терапијата може да биде и индивидуална и групна, а радува тоа што доколку терапевтот е вешт и искусен во однос на оваа проблематика, прогнозата за надминување на овие проблеми е сосема добра.

 сексуална анорексија

Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com
  
Psihagon Ltd.

Copyright © 2010-2014 Psihagon Ltd. All rights reserved.