RSS
Психа на Facebook
   

АНКЕТИ

Дали го лажете ликот во огледалото?
 
 
 

ПОПУЛАРНО ВО ПСИХАГОН

Слика
ИМЕТО КАЖУВА МНОГУ
Вторник, 28 Декември 2010
Слика
ТОП 5 СОВЕТИ ЗА ХАРИЗМА
Вторник, 15 Февруари 2011
Слика
ВАШЕТО ТЕЛО Е ВАША ПОРАКА
Понеделник, 19 Март 2012
Слика
ТОП 10 МЕНТАЛНИ ПОРЕМЕТУВАЊА
Сабота, 20 Ноември 2010
Слика
НЕРВЕН СЛОМ
Четврток, 12 Јануари 2012
Слика
МОМЧЕТО КОЕ РАСТЕШЕ КАКО ДЕВОЈЧЕ
Четврток, 05 Јануари 2012
Слика
ЉУБОВ И ПОТСВЕСТ
Понеделник, 25 Април 2011
Слика
СИТЕ СТРАНИ НА ЉУБОВТА
Вторник, 31 Јануари 2012
Слика
КАКВИ СЕ КРЕАТИВНИТЕ ЛУЃЕ?
Петок, 14 Октомври 2011
Слика
МУЗИКА И КАРАКТЕР
Петок, 21 Јануари 2011
Слика
7 КРЕАТИВНИ ТЕХНИКИ
Среда, 19 Јануари 2011
Слика
ЗНАМ ДЕКА МЕ ГЛЕДАШ
Среда, 04 Јануари 2012
Слика
ОЧИТЕ СЕ ОГЛЕДАЛО НА ДУШАТА
Четврток, 09 Декември 2010
Слика
КАКВА БОЈА Е БУКВАТА М?
Четврток, 28 Јули 2011
Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com

СЛУЧАЕН ИЗБОР

Слика
ЖЕЖОК ТРЕНИНГ
Четврток, 10 Февруари 2011
Слика
ВЕЧНА ЉУБОВ
Понеделник, 14 Февруари 2011
Слика
СЕКСУАЛНОСТА И СПИРИТУАЛНОТО
Вторник, 27 Декември 2011
Слика
ВИСТИНА ИЛИ ПРЕТПОСТАВКА
Понеделник, 14 Март 2011
Слика
ПРЕДНОСТИ НА ЕМПАТИЈАТА
Среда, 23 Јануари 2013
Слика
ВРОДЕНА ПОПУЛАРНОСТ
Вторник, 21 Декември 2010
Слика
НОВОГОДИШНА АФЕРА
Понеделник, 03 Јануари 2011

„Ако некоја потреба ви остане незадоволена, не се запрепастувајте многу. Таа појава ја викаме живот.“

Ана Фројд



ХАЛО ЕФЕКТ PDF Печати Е-пошта
(13 гласови, просечно 4.69 од можни 5)
прочитано 7607 пати
Недела, 14 Април 2013 20:12

Сигурно ви се случил, а да не сте биле свесни. Хало ефектот ни се случува кога на другите, заради оние што ги имаат им припишуваме и особини што ги немаат.

 хало ефект добро и лошо

Хало Ефектот, или Ефектот на Ореолот, е психолошки принцип кој вели дека при нашата перцепција на другите може да си создадеме своевиден ореол кој ќе зрачи над нивните глави и кој честопати може да не залаже. Со други зборови, во најчест случај, имаме склоност да го гледаме она што сакаме да го видиме.

Хало ефектот е класично откритие во социјалната психологија. Ја означува идејата дека општата проценка за одредена личност (на пример, колку една личност е допадлива) влијае врз општото расудување за нејзините индивидуални особини (на пример сметаме дека истата личност е и интелигентна).

хало ефект Скарлет Јохансон 

Холивудските ѕвезди се совршен пример за објаснување на хало ефектот. Пред камери изгледаат привлечно и симпатично, па затоа си претпоставуваме дека се и интелигентни, дружељубиви, праведни, со примерно расудување итн. Така и си останува се додека не откриеме јасни и неоспорни докази кои го тврдат спротивното.
Истиот принцип го користат и политичарите во нивна корист за пред јавноста да остават впечаток на топла и пријателски настроена личност иако може и да не кажат ништо што е од суштинско значење. Луѓето се склони да веруваат дека политиката што тие ја нудат е правилна само затоа што тие како политичари им делуваат пријатно. Изгледа неверојатно едноставно, но тоа е ноторен факт.

хало ефект Обама

Можеби ќе помислите дека може да ни текне дека правиме погрешни расудувања ако малку подразмислиме и интроспективно го вратиме мисловниот процес наназад кон првобитната грешка. Но, во 1970-тите, познатиот експерт по социјална психологија, Ричард Нисбет, си даде задача да демонстрира колку всушност мал пристап имаме ние во нашиот мисловен процес во општа смисла, а преку хало ефектот и во конкретна.

 Нисбетовиот експеримент за допадливоста на предавачот

Нисбет и Вилсон сакале да го испитаат начинот на кој студентите создаваат мислење за својот предавач. На студентите им било кажано дека истражувањето што ќе се спроведува ќе ја оценува работата на предавачот. Конкретно, им било речено дека истражувачите биле заинтересирани за тоа дали мислењето се менува во зависност од времето кое студентите го поминале со предавачот. Сето ова објаснување било една голема лага.

Студентите всушност биле поделени на две групи кои требало да гледаат две различни снимки од истиот предавач кој имал тврд белгиски акцент (релевантен факт за истражувањето). Едната група гледала снимка на која предавачот одговарал на низа прашања со многу пријатен и пријателски тон. Другата група пак, гледала снимка на која предавачот ги одговарал истите прашања, меѓутоа ладно и резервирано. Истражувачите се погрижиле да направат јасна дистинкција на двата лика на професорот и кој од нив е подопадлив. На едната снимка да прикажат личност што ги сака своите студенти и сака да предава, а на другата да е претставена една авторитарна личност која не е заинтересирана да држи предавања.

хало ефект 

Откако двете групи ги изгледале снимките, од нив било побарано да дадат оценка за физичкиот изглед на предавачот, неговите манири, па дури и за неговиот акцент (манирите на предавачот на двете снимки биле исти). Што мислите, какви биле одговорите на студентите?

Во целосна согласност со хало ефектот, студентите кои ја гледале „фината“ верзија на предавачот го оцениле како привлечен, со одлични манири и со симпатичен акцент. Ваквите наоди воопшто не претставувале изненадување за истражувачите и тие ги потврдиле претходните истражувања за хало ефектот.

студенти гледаат видео снимки 

Несвесни расудувања

Изненадувањето лежи во фактот што студентите воопшто не биле свесни зошто на едниот од ликовите на предавачот му дале повисока оценка. После истражувањето, им било укажано дека симпатиите што ги здобиле за предавачот имале влијание врз нивните проценки. Но, и покрај ова, повеќето од студентите упорно тврделе дека нивната проценка за индивидуалните карактеристики на предавачот воопшто не била под влијание на начинот на неговото предавање.

Кај оние пак што ја виделе лошата верзија на предавачот резултатите биле уште полоши. Тие си ја сфатиле обратно целата работа. Сметале дека нивната проценка на индивидуалните карактеристики на предавачот всушност влијаела врз општата проценка за тоа колку им бил пријатен.

истражувач разговара со студенти

Истражувачите не се задоволиле со ова, па повторно ги интервјуирале студентите многу конкретно прашувајќи ги дали е можно сепак нивната општа проценка за предавачот да повлијаела врз нивните поединечни атрибути на предавачот. И покрај тоа, студентите си останале на своето и понатаму тврдејќи дека нема врска. Биле убедени дека нивните проценки за физичкиот изглед, манирите и симпатичноста на акцентот воопшто не биле под влијание на тоа колку тој во општа смисла им се допаднал.

објаснување 

Вообичаена употреба на хало ефектот

Сам по себе, хало ефектот е прилично интересна појава а сега е веќе и позната во светот на бизнисот. Според Џон Маркони, книгите на кои на корицата пишува дека се изданија на класиците од Харвард можат да се продаваат и за цена два пати поскапа отколку книгите со иста содржина на кои не пишува дека се издадени и препорачани од Харвард. Истата појава е многу честа и во модната индустрија. Додавањето на името на познат креатор на обично парче облека може драстично да ја зголеми цената на производот.

 Версаче

Меѓутоа, ова истражување покажува дека иако имаме интелектуална способност да го разбереме хало ефектот, многу често не сме свесни дека се случува. Затоа и толку многу често го користат во маркетингот и политиката. Ние многу лесно и природно се адаптираме на хало ефектот. А потоа, дури и ако некој ни посочи и јасно ни покаже дека сме биле изложени на хало ефектот, може да продолжиме да одрекуваме дека тоа навистина се случило.

Затоа, кога нареден пат ќе посакате да ги следите идеите на некој политичар, холивудски актер, омилена естрадна ѕвезда или пак ќе тргнете во потрага по облека со потпис од некој познат креатор, бидете поискрени со себеси и запрашајте се дали можеби сте под влијание хало ефектот. Запрашајте се дали навистина правите реална процена на особините на личноста или производот? Што влијаело на вашата проценка? Дали некој општ аспект се прелеал врз поединечните оценки за некого или нешто? Оваа едноставна проверка може да ве вразуми и одврати од правење погрешни чекори или трошење многу пари на глупости.

хало ефект ејпл 

Стекнатото однесување, привлечноста и хало ефектот

Сите знаеме дека првиот впечаток е битен. Но, колку навистина сметате дека е битен и кога тоа навистина станува важно? Дали би верувале во ставот дека помалку симпатичните деца имаат значително пониски развојни способности? Иако ова не е научно докажано, 64% од родителите веруваат дека е така. Всушност, ваквите претпоставки не се однесуваат само на развојните способности на децата, тие се појавуваат во текот на целото образование, на работното место, а веќе рековме и при изборот на политичар, омилен актер, музичар...

Хало ефектот се дефинира како когнитивна склоност кон додавање одредени карактеристики или очекувања за некого врз основа на перцепцијата на претходно поставените проценки за особините. Едноставно кажано, ова ни сугерира дека тоа што е убаво е добро (на пример, убавите луѓе се и попаметни). Оваа склоност е еден вид стекнато однесување кое се манифестира кај секого уште од најрана возраст. На пример, во бајките од типот на Пепелашка, добрите ликови се претставени како убави принцези и згодни принцови, додека злобните ликови добиваат епитети од типот на „грди полу-сестри“ или „ѕверови“. Симпатичните ликови се претставени како искрени и доверливи, а неатрактивните ликови се опишани како неранимајковци и злобници.

пепелашка 

Дали постојат научни докази за оваа теорија и дали ако постојат водат кон поголеми импликации во рамки на општествата?

Јасно е дека првиот впечаток има влијание во понатамошната интеракција помеѓу луѓето и дека очекувањата на едниот имаат влијание врз однесувањето на другиот. Но, дали може пријатноста на еден ученик да влијае врз проценката на наставникот за нивото на интелигенција на ученикот, неговиот статус во општеството, ставот на неговите родители за образованието и сите останати идни успеси? ДА. Истражувањата покажуваат дека наставниците сметаат дека посимпатичните деца имаат поголем потенцијал за учење отколку помалку симпатичните деца. Што значи ова? Тоа значи дека не само што од нив се очекува да се истакнат повеќе само врз основа на нивниот физички изглед, но и токму поради тоа, ним им се обрнува поголемо внимание, биваат фаворизирани што води кон тоа нивните оценки да бидат секогаш повисоки. Па така, во рамки на општеството, последиците на хало ефектот може да доведат до нееднаквост во образованието.

пrофесор и помага на ученичка 

Уште едно место каде што честопати се појавува хало ефектот е работното место. Иако има обиди да се редуцира овој ефект преку различни активности организирани од страна на менаџерите на човечки ресурси, се смета дека постои како несвесно расудување за кое дури и да ни биде предочено дека влијае врз нашиот расудувачки процес може да не бидеме свесни дека ни се случува. Ова е интересна активност што се случува во нашиот мозок затоа што не само што не прави „виновни“ за предрасуди туку изгледа дека овие случувања тешко допираат до деловите од мозокот кои би ни разјасниле дека тоа навистина ни се случува.
Во овој контекст, очекувано се поставува и прашањето дали луѓето кои ги прегледуваат резимеата и прават интервјуа за работа се сосема објективни и непристрасни?

интервју за работа

Според некои истражувања оние кои се сметаат за попривлечни имаат околу 5% поголеми примања и почесто се унапредувани во однос на своите колеги кои се сметаат за понепривлечни. Според овие статистички податоци се наметнува заклучокот дека колку сте попривлечни, толку поголеми ви се шансите за успех на пазарот на труд.

 Слична појава се случува и на романтичните средби каде луѓето избираат личност која ја сметаат за попривлечна од себеси. Жените избираат повисоки, попривлечни и попаметни мажи од себе (слично постапуваат и мажите кон жените). Па според ова, привлечните луѓе не само што заработуваат повеќе пари туку се и повисоко на листата на потенцијални партнери. Од ова излегува дека живееме во свет во кој за размножување селективно се бара убавина и мозок.

 Шварценегер

И не е само таму потрагата по убавина, туку, според едно истражување направено во 2006 година, хало ефектот е присутен и при избирањето на политичките кандидати. Хипотезата дека хало ефектот предизвикан од физичката привлечност е поочигледен и повлијателен отколку адекватниот хало ефект предизвикан од вокалната привлечност (што се базира на бојата на гласот, висината на гласот, јачината, дикцијата итн.) несомнено се потврди. Кандидатите со поголема физичка привлечност се сметале за посоодветни за политичка функција и тие биле одбирани далеку повеќе отколку оние со вокална привлечност. Дали ова може да предизвика реална штета на целите и вредностите на едно општество? Ако главнината на одлуката за тоа кој треба да биде политички кандидат се базира на сосема мал дел на неговите карактеристики, како што е физичката привлечност, дали тоа исфрла на површина еден подлабок општествен проблем? Во денешниот свет каде секојдневно сме бомбардирани со маркетиншки пораки кои ја потенцираат физичката убавина, не ни може да се очекува нешто друго. Понатамошните истражувања на оваа тема сигурно ќе ги покажуваат истите резултати, дека привлечните луѓе се третирани подобро во најголема мера и заради хало ефектот.

Јулија Тимошенко 

Во разните истражувања кои се занимаваат со проблематиката на хало ефектот правени се и низа испитувања на мали деца, ученици и возрасни. Од сите нив следи истиот заклучок дека начинот на кој се однесуваме кон привлечните луѓе е стекнато однесување и дека постојат голем број на избори што ги правиме а за кои не сме свесни. Оваа когнитивна склоност директно влијае врз нашите животи на различни начини и скоро секогаш останува незабележана. Самата помисла дека нешто толку мало како што е хало ефектот има огромно влијание врз нашите одлуки и начинот на кој комуницираме со луѓето, остава простор за длабоко размислување.

 хало ефект

Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com
  
Psihagon Ltd.

Copyright © 2010-2014 Psihagon Ltd. All rights reserved.